Стојан Ѓуроски, македонскиот кошаркарски репрезентативец и член на КК Пелистер, беше повреден во тепачката на скијачките терени во Маврово, во која учествувале две групи – една од Косово, а другата од Гостивар. Четворица од косовската група биле на возраст од 14 до 30 години, а четворицата од гостиварската, на возраст од 25 до 41 година, информираше полицијата.
Ѓуроски, според изјави на очевици, бил удрен со скија по раката, која му била повредена, па морал да оди на преглед, прво во болницата во Гостивар, а потоа и во Ургентниот центар во Скопје.
За „Слободен печат“ Ѓуроски денеска потврдил дека бил повреден во тепачка во Маврово, без да обелодени детали. Тој се здобил со скршеница на десната подлактица и вчера бил успешно опериран. Но, тој ќе мора да паузира околу два месеца.
– Не би сакал поопширно да коментирам, меѓутоа бевме нападнати, така да кажам, од заседа. Се качувавме по ски-лифтот и тие горе нѐ чекаа со извадени скии, подготвени – изјавил Ѓуроски.
Останатите учесници во тепачката се задржани во полициската станица во Гостивар, сѐ до целосното расветлување на случајот.