За да ги заштити граѓаните од фалсификувани лекови, Европската комисија го претстави логото со кое купувачите ќе можат да ги идентификуваат овластените онлајн аптеки каде ќе можат да набават веродостојни лекови. Логото ќе се појави на веб страните на аптеките кои работат легално во Европската Унија, како и на Националните веб сајтови каде што ќе бидат наведени сите легални он-лајн аптеки во нивните земји.
На овој начин ЕУ, ќе се заштити од напливот на лажни лекови кои се продаваат преку интернет соопштуваат од Европската комисија за лекови. Логото е воведено со Директива на ЕК во делот за медицински производи за човечка употреба, а Регулативата треба да влезе во сила до крајот на јули, по што и земјите-членки имаат една година да се подготват за неговата примена.
“Кога купуваат лекови онлајн, потрошувачите мора да бидат свесни дека ако тие да купат од легален добавувач нема ризик од фалсификувани лекови. Комисијата има воспоставено заедничко лого за онлајн аптеките, така што корисниците може да бидат безбедни” објасни Тонио Борг, Европскиот комесар за здравство.
Во Европската комисија за лекови велат дека феноменот на фалсификувани лекови е во пораст на глобално ниво и дека се повеќе се фалсификувани. Ова особено се однесува на скапите лекови, како што се лековите против ракот за кои има огромна побарувачка, но и анти вирусните препарати. Иако ЕУ има силен регулаторен систем, се уште постои закана дека фалсификувани лекови доаѓаат во промет во земјите од ЕУ.
Македонските граѓани кои порачуваат лекови преку интернет сами се изложуваат на ризик од фалсификувани лекови велат за НОВА во Бирото за лекови. Од таму потенцираат дека во Македонија нема аптеки во кои по електронски пат можат да се набават лекови, ниту пак во законската регулатива е предвидена таква можност, но ризикот со странство останува.
-Граѓаните кои порачуваат лекови на ваков начин сами го сносат ризикот од порачаните лекови. Единствено кога овие лекови ќе пристигнат на царина, тие што ги порачале доаѓаат во Бирото за лекови со барање за да им издадеме потврда за да можат да си ги подигнат. Не се врши анализа и контрола на овие лекови, изјави за НОВА Катерина Алексоска директорка на Бирото за лекови.
Алексоска потенцира дека контролата и соработката со релевантните институции и инспекциските служби е зајакната но, само за лекови кои ќе бидат пронајдени на лице место, а не и за онлајн продажбата.