Одлуката на јавниот обвинител Марко Зврлевски да не покрене истрага за случајот „Македонска банка” означува заокружување на состојба на зомби-држава во која постојат закони, процедури и знаење кои се во состојба на клиничка смрт, стои во извештајот за месец јуни на Транспрентност Македонија.
Неговото траги-комично објаснување за отфрлањето на тужбата ќе остане како камен-темелник за идните генерации кои ќе треба да научат да препознаваат кога институциите ја убиваат правната држава. Обвинителот, имено, одби да се занимава со својата работа, со мандатот на заштитник на државните интереси, оценува Транспрентност Македонија.
Но, со оглед на фактот што тој се занимаваше со случајот само низ призма на пријавата на партијата СДСМ, сакаме јавно да го потсетиме на она на што ТМ укажа минатиот месец: неспроведување одлука на Уставен суд е кривично дело кое не застарува, како и на фактот дека секој друг закон или дејствие се спротивни на таа Одлука на Уставниот суд, вклучувајќи го и решението на Народната банка за промена на сопственичката структура на „Македонска банка“, на која се повикува г. Зврлевски. Имено, одлуката на Уставниот суд подразбираше реституцио ин интегрум, односно враќање во првобитна состојба. Исто така, ТМ го потсетува јавниот обвинител Зврлевски на одредбите од член 377 од Кривичниот законик, кои во ставот (3) пропишуваат дека „ќе се казни со затвор од една до пет години службено или одговорно лице кое ќе одбие да изврши одлука на Уставниот суд на РМ што е должно да ја изврши”, а во ставот (4) од овој член, пропишува дека доколку со неспроведување на одлука на Уставниот суд на РМ се предизвикала потешка повреда на правата на други или значителна имотна штета, сторителот ќе се казни со затвор од една до десет години.
ТМ предупреди дека никој друг, освен г. Никола Груевски, можел да даде согласност за продажба на банката. Тој, како претседател на ДПМНЕ, ја имал и „општествената положба” која се спомнува во членот 359 од Казнениот законик што Зврлевски го злоупотребува користејќи го само делот со „службената положба”, кога објаснува дека Груевски не бил на функција за да може да ја злоупотреби.
Конечно, апсурдното образложение на г. Зврлевски е полно со правни дупки. Еве една: со оглед на тоа што била договорена исплата на 11 рати, рокот од 10 години истекува во декември годинава – ако веќе ја следиме логиката на Зврлевски за застарување на случајот. Значи, имаме дело во континуитет и паѓа во вода главниот столб на непрофесионалното образложение на Зврлевски – застарување.
Што се однесува до квалификацијата на г. Зврлевски дека аудио снимките претставуваат „нелегално прибавени докази”, некој може само да жали за кариерата на г. Зврлевски која заврши на 27 јули годинава, на денот на објавата на неговото антологиско образложение. Со флагрантно непочитување на државните интереси и на правдата, г. Зврлевски може да остане на таа функција и натаму, но јавноста има сериозни основи за сомневање дека тој ќе остане само марионета во рацете на мафијата која ја зароби Републиката, оценува Транспрентност Македонија во својот месечен извештај.
Апсурдно, со денот на реизборот, фактички заврши кариерата и на една друга институционална марионета. Имено, ДКСК го реизбра за старо-нов претседател Ѓорѓи Сламков, кој ќе продолжи уште една година да се бори против антикорупциските напори во општеството и ќе остане слеп, глув и нем на целиот башибозук што го практикуваат партиите на власт. Тој во последнава година не успеа ни за милиметар да ја помрдне институцијата со која раководеше, додека нејзиниот интегритет комплетно испари во високите температури на владините правно-финансиски бравури. Затоа, г. Сламков, како и г. Зврлевски, ќе останат само кукли/мапети кои ќе мрдаат според тоа како премиерот и фамилијата ќе ги мрдаат конците, потенцира ТМ.
Според извештајот на ТМ, покренувањето постапка пред суд заради навреда и клевета од страна на Никола Груевски, премиер на Владата на РМ, против Зоран Заев, лидер на
опозицијата, за аферата поврзана со продажбата на „Македонска банка“, само по себе претставува скандал непознат во меѓународната практика во борбата против корупцијата. Имено, согласно член 19 од Законот за спречување на корупцијата, не може да се преземе казнено гонење или повика на каква и да е друга одговорност лице што открило податоци што укажуват на постоење на корупција.
Според Законот за заштита на соработниците на правдата, донесен во 2005 г. како обврска преземена од Конвенцијата на ООН против корупцијата, е предвидена целосна заштита на соработниците на правдата („шепнувачи“) и жртвите кои имаат информации за кривично дело.
Оттука, покренување на судска постапка поради тоа што одредено лице пријавило постоење корупција, претставува грубо кршење на овие закони, како и на обврските преземени со меѓународните конвенции, кои државата ги има ратификувано и претставуваат дел од националното законодавство. Доколку на овие лица не им се даде заштита, а не се покренува постапка против осомничените за корупција, тогаш се потврдуват сомневањата дека борбата против корупцијата е само декларативна, селективна и не се однесува за актуелни високи функционери, без оглед на сериозноста на сомневањата за корупција.
Оттука, со цел да се заштитат оние кои се борат против корупцијата, ТМ бара укинување на бесплатните телефонски броеви во бројни институции со кои граѓаните се повикуваат да пријават корупција, како и запирање на скапите кампањи за борба против корупцијата.




