Премиерот на Ирак, Нури ел Малики, понуди амнестија за племињата кои се бореле против ирачките власти, но ја исклучи оваа можност за лицата кои „убивале и пролевале крв“.
„Им нудам амнестија на сите племиња и на сите лица кои биле вклучени во конфликтот против државата со цел да се вратат на своето здраворазумно размислување и сите тие се добредојдени. Ние нема да изземеме никого, освен оние кои убивале и пролевале крв“, истакна премиерот на Ирак во телевизиско обраќање.
Предупредување до Курдите
Малики ја отфрлил можноста териториите кои потпаднале под контрола на Курдите за време на нападите на сунитските екстремисти да останат и понатаму под нивна контрола, како што е примерот со градот Киркук кој е богат со големи наоѓалишта на нафта.
„Никој нема право да ги искористи случувањата кои се одвиваат во земјата и да наметне свршен чин, како што тоа е случај во некои делови од Курдистан“, нагласи ирачкиот премиер, истакнувајќи притоа дека такво нешто е невозможно.
Малики со ова одговори на изјавата на претседателот на автономниот регион Курдистан, Масуд Барзани, од минатата недела, според која Курдите нема да и‘ ги вратат во федералната влада областите кои успеале да ги одбранат од сунитските екстремисти.
Борби во Кербала
Ирачките владини сили во текот на изминатата ноќ во јужната провинција Кербала влегоа во отворен судир со следбеници на влијателниот шиитски духовен лидер Махмуд ас Сархи. Очевидци на инцидентот наведуваат дека судирот избувнал откако владините сили им забраниле на приврзаниците на Сархи да се молат во светилиштето во Кербала.
Насилството, што траело до утринава, довело до жртви на двете страни, загинале околу 20 лица, а над 30 се ранети.
Судирите избувнале во момент кога ирачката влада, предводена од шиитите, се бори со сунитските бунтовници, кои зазедоа значајни територии и градови во северниот дел од земјата.
Специјалните сили на ирачката армија пак ослободија повеќе од 80 отсто од територијата на провинцијата Салах ад Дин, протерувајќи ги кон север припадниците на Исламска држава во Ирак и Левантот. Екстремистите имале големи загуби во жива сила и во оружје. Армијата го вратила под контрола и реонот на Халес, на 55 километри од Багдад. Од тој дел бунтовниците планирале да презмат акции кон градот.
Извор: Сервис на Дојче Веле на македонски јазик