По најавениот протестен марш во сабота на „Сојузот на борците на НОБ“, партијата Достоинство најави учество во револтот на приврзаниците на сојузот и преживеаните учесници во НОБ низ скопските улици.
Протестот ќе биде против властите кои, според нив, го омаловажуваат и деградираат значењето на антифашистичката војна.
Достоинство потврди дека ќе биде дел од маршот кој се одржува по втор пат, а кој настана како резултат од насилното иселување на борците од нивното претходно седиште.
– Имајќи го во предвид се’ она што како искуство го носат овие луѓе и проблемот кој ги снајде со нивното иселување од просториите, како и организирањето на протестниот марш на 16-ти февруари, си поставивме цел да им ја искажеме нашата поддршка, и ние со нашата политичка партија и члентсво масовно ќе ги поддржиме во овие активности – изјави Благоја Марковски од Достоинство.
На прашањето дали се согласува со тврдењата на сојузот дека властите ги негираат и потценуваат придобивките од народноослободителната војна и не го почитуваат споменот од овој важен историски момент, Марковски одговори потврдно.