Дали се поважни парите или животот на граѓаните? Со овие зборови жителите од населбите во близина на индустрискиот комплекс „Железарница“ протестираа против екстремните загадувања кои главно ги предизвикува фабриката „Макстил“.
Тие испратија апел лично до сопственикот на фабриката – Минчо Јорданов, потсетувајќи го дека ниеден филтер не е поскап од човечкиот живот.
Луѓето кои протестот го организираа преку социјалните мрежи, велат дека загадувањето носи сериозни заболувања кај населението. Тие сведочат дека после 17 часот, во Железара не може да се диши, па затоа се принудени да живеат како во инкубатор.

На протестот беше присутен и портпаролот на ДОМ, Тони Ристов. Тој во името на партијата вели дека фабриката „Макстил“ како и „Југохром“ од тетовското село Јегуновце, како најголеми загадувачи во земјата потребно е итно да стават еколошки филтри или во спротивно надлежниот инспекторат да стави крај на нивното постоење.
Во последното соопштение на Министерството за животна средина се вели дека фабриката „Макстил“ функционира со намален капацитет во периодот од 21 часот до 7 часот наутро. Сепак, со последното пролонгирање на роковите за исполнување на еколошките стандарди, Владата на „Макстил“ и на „Југохром“ им дозволи без еколошките филтри да работат до 30 октомври 2014 година.

Ова е трет протест со кој граѓаните апелираат челниците на „Макстил“ да покажат еколошка свест. Доколку под итно не се преземат мерки да се запре загадувањето, тие велат дека протестите ќе се радикализираат.



