Интегрален текст од денешното обраќање на претседателот на СДСМ, Зоран Заев на отворената трибина „Што да се прави за повторно освојување на слободата“:
– Ова се чудни времиња, кога сме повеќе од кога било упатени едни на други. Упатени, како човек кон човек, како пријател кон пријател. Зашто куќата ни се ниша. Не мојата, не твојата, нашата куќа. Нашиот единствен дом, Република Македонија.
И тука нема припадности, нема вери, нема определби. Не се важни. Зашто минато ни ја гази иднината пред сопствените очи.
Врзани во сегашност полна со лаги, криминал, сиромаштија, испревртени вредности, каде црното е бело, а белото црно, узурпирани институции, заробени медиуми, животот пред нас 8-ма година поминува како нем филм.

Ако е за нас таков, широкиот, безграничен, полн со слобода, 21-ви век, што го живее светот, какви ли времиња доаѓаат за нашите деца?
Тежок е молкот под присила. Не прави соучесници во злосторството што и се врши на
демократијата.
Многумина од оние кои зборуваа, низ годините, заборавија или одлучија да не зборуваат.
Многумина кои се бореа, се откажаа.Тоа е тежок товар за една човекова совест.
Но тишината стана премногу гласна. Толку гласна што почна да ни ги распарчува ушите.
Овој форум тоа го покажува. Дека не има такви и кои зборуваме и кои не сме се откажале. И не сме единствени и не сме сами. Овој одѕив е оддек на таа гласна тишина.
Уверени дека само јадрото на интелектуалната сила и граѓанството ја имаат моќта да ги кренат скапите завеси на театарот и да ги демаскираат глумците, ние од здружената опозиција, денеска подаваме рака на политичко пријателство. Рака, до секој еден човек во оваа земја. Што да се прави за повторно освојување на слободата?
Што очекувате од СДСМ и здружената опозиција? Сакаме да ве слушнеме. Внимателно ќе ве слушаме сите до еден.
Низ солидарност, партнерство, меѓусебно почитување можеме заеднички да ја вратиме уништената демократија и задушената слобода во нашата земја. Ова е тој момент на предизвик.
За 23 години независна Македонија, не сме искусиле таква борба којашто ги бара нашите најсилни енергии и верба. Од секого поединечно кој сака да и помогне на својата земја.
Младите да не ни бегаат во странство. Возрасните да не веднат глави под потценувачките уцени. Старите да не тагуваат за разделените семејства.
Затворите да не ни се полнат со луѓе чија единствена вина е тоа што мислат, додека виновните криминалци од слобода и владеат и продожуваат да крадат. Убеден сум дека нема добронамерен граѓанин кој сака да живее во ваква Македонија.
Но за поинаква Македонија, треба да се избориме. Невообичаените околности, за коишто не можевме ни да претпоставиме дека можат да се претворат во кошмар, сега бараат будност и исто толку невообичаени форми на меѓусебна соработка и поддршка. Бидејки ова не е битка на поединци. Сакам да кажам дека целта на СДСМ и коалициските партнери преку овој отворен повик за широк граѓански фронт, е да ги интегрира сите идеи и можности за
нормализирање на државата.
Да ги утврдиме заедничките вредности за кои се заложува СДСМ, но се важни и за СДСМ и за граѓаните на Македонија и за граѓанскиот сектор.
Стратегијата на којашто работиме не е стратегија за доаѓање на власт. Тоа е Стратегија за слободен избор. Последните избори беа кулминација на криминалните изборни циклуси што во континуитет ги спроведува власта на Никола Груевски.
Нема демократска битка, туку демократска фасада. Нема владеење на правото, туку правда по терк на власта. Нема ни институции, ни медиуми. Се е партија. Затоа сме надвор од парламентот. За да покажеме дека нашите вредности не се на продажба. Дека за нив сме подготвени да се бориме. Нема прифаќање шупливи договори што можат да не вратат назад. Она што може да не врати е поделба на државата од партијата, регулацијата на медиумите и правична застапеност на опозицијата на јавниот сервис МРТВ и останатите медиуми, јасно презицирање на Избирачкиот список и изборното законодавство, спроведување попис и пред се договор за формирање техничка влада што ќе го гарантира спроведувањето на сето ова и орагнизирањето слободни, фер и демократски избори.
СДСМ и коалициските партнери не бараат техничка влада за да владеат заедно со Груевски. Бараме техничка влада со еден единствен мандат – да ги организира следните избори. Ако власта смета дека може да победи и на чесни избори, ова е шанса да го докаже тоа. Но како што се сомневаме, затоа и бегаат.
Затоа, ве повикуваме да ги соопштите своите размислувања, идеи што, како најголема oрганизирана политичка сила ќе ги земеме предвид при утврдувањето на Стратегија за враќање на уставната демократија во Македонија.
Повикуваме на силна заедничка битка за враќање на Македонија каде што и е местото, меѓу цивилизираниот свет како дел од НАТО и Европската унија.
Да одговориме со одговорност кон нашата држава, Република Макеоднија.




