Иако Владата на Киев во понеделникот ја продолжи операцијата за гаснење на прорускиот бунт во Источна Украина, судирите таму не запираат, пренесуваат светските агенции.
Според украинското Министерство за одбрана, владините сили уништиле конвој од пет воени камиони кои пренесувале бунтовници во близина на прорускиот бастион Донецк, пренесува ИТАР-ТАСС.
Од Министерството не дадоа повеќе информации за операцијата, но соопштија дека во последните 24 часа престрелки со сепаратистите имало на вкупно 16 контролни точки и други позиции на владините сили.
При еден од судирите на руски граничен премин едно лице настрада од случајно падната граната од руската страна.
Инцидентот се случил само ден откако Киев и Москва се согласија да започнат преговори за долгорочно билатерално примирје.