Нити Груевски – нити Заев не се појавија на денешното подготвително рочиште за судскиот процес во случајот „Македонска банка“.
Наместо нив битка биеа нивните адвокати, а првото рочиште за спорот Судот го закажа за први и втори септември.
Решението коешто го донесе судијката Весна Калковска повеќе е од формален карактер, бидејќи „надмудрувањата“ на двете спротивставени страни продолжи и по одлуката со која на адвокатите на Заев им го одби барањето за одложување на подготвителното рочиште, а во исто време им понуди можност, дополнително, во текот на постапката, тие да се произнесат по одредени претставки.
Адвокатите на Зеав ги предложија Ден Дончев и Јовица Стефановски –Нини, за сведоци.
Судот прифати како сведок да се појави газда Нини, но како доказ го отфрли телефонскиот разговор во кој наводно премиерот Груевски и друг човек се договараат за продажбата на Македонска банка.
Груевски го тужи Заев за наводите за поткуп од случајот „Македонска банка“ кога тој на пресконференција го обвини Груевски дека зел поткуп од 1,5 милиони евра од продажбата на „Македонска банка“, а како доказ понуди аудио снимка на која се заговара наводниот поткуп, како и тоа дека, еден од гласовите на снимката, според Заев е гласот на Никола Груевски.
Премиерот Никола Груевски од лидерот на опозицијата Зоран Заев бара половина милион евра оштета.
Инаку на 27-ми минатиот месец Јавното обвинителство објави дека нема да покрене постапка за случајот „Македонска банка“. Бидејќи, како што соопшти, нема доволно докази за да може да се отвори предмет, но и дека, и кога би имало, случајот делумно е застарен.




