Собранието ја одби иницијативата на АМАН за враќање на дневната тарифа на евтина струја. Против иницијативата гласаа 49 пратеници, 11 беа воздржани, а само четворица гласаа “за” враќање на дневната евтина струја. И во собраниските комисии претходно, но и денес на расправата на парламентарната седница, пратениците од владејачкото мнозинство ги повторија своите стари ставови противејќи се на иницијативата за поефтинување на струјата.
Пратениците од ДУИ иако изјавија дека ја поддржуваат иницијативата на АМАН, гласаа воздржано, а пратениците од ВМРО ДПМНЕ беа против поевтинувањето на струјата.
На расправата пратеничката Владанка Авировиќ од Социјалистичката партија тврдеше дека тие биле приморани да гласаат “против” од рационални мотиви, бидејќи, според неа, враќањето на ефтината тарифа ќе значело поскапување на струјата.
На ова се спротистави Изет Зеќири кој рече дека поскапувањето на струјата е поради зголемените трошоци на на ЕЛЕМ и МЕПСО за речиси 400 проценти.
Претставниците на иницијаторите, движењето АМАН, велат дека овие тврдења немаат никаква логика. Велат дека очекувале да бидат одбиени, но дефинитивно не се предаваат.
“По она што се зборуваше на собраниските комисии ние ова и го очекувавме. Тие се изјаснија против волјата на 13 000 граѓани. Но, не се предаваме. Во моментов подготвуваме состанок и предлози за тоа како ќе продолжиме. Собирањето на над 100 илјади потписи на референдум е идеја која внимателно и со сериозност ја разгледуваме”, вели Алек Гоцев од движењето АМАН.