Владимир Путин сака руското образование да биде “попатриотско”. Наместо часови по јога или фенг шуи, треба да се учи локалната гастрономија или националните борбени спортови. Русија смета дека со тоа ќе се спречи странското влијание врз руската младина, јавува агенцијата АФП.
“Треба да се продолжи со подобрување на програмата на државата за патриотско образование”, изјавил Путин вчера на состанок на владата. Според него, “во светот се води тешка војна за да се освојат срцата и духовите преку влијанието на идеологијата и информацијата” и затоа е потребна “постојана работа, систематска, која ќе може да ја брани земјата, нашите млади од овие ризици и која ќе помогне да се консолидира граѓанската солидарност и хармонијата помеѓу националностите”.
На овој состанок министерот за култура ја претставил новата културна политика на Русија и промените што таа ќе ги донесе во образованието. “Учиме се повеќе странски јазици и тоа се разбира е добро, но тоа не треба да се прави на штета на учењето на рускиот јазик, нашата литература и нашата заедничка историја”, рекол министерот за култура Владимир Медински.
Министерот ја критикувал “демодираната” политика на толеранција и мултикултурализам во Европа кои, според него, се тотален неуспех. Првата верзија на новата културна политика на Русија беше објавена во април и таа се базира врз тезата дека “Русија не е Европа” што привлече критики на многу интелектуалци во земјата.