Опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска повторно го повика владејачкиот Социјалдемократски Сојуз да се обединеле околу Декларација за значењето на Гоце Делчев за револуционерната борба за македонската државност. Според партијата, на овој начин ќе се покажела сплотеност околу како што се наведува во соопштението, неспорниот македонски деец и водач во ослободувањето на Македонија и идејата за самостојна Република Македонија, но и значело одговор на негаторските ставови по однос на македонската историја и борба за државност.
Декларацијата базирана на европските принципи е во насока на достојно почитување, прославување и одбележување на дострелите на нашите предци во минатото, можат дополнително да ги зајакнат демократските темели на државата и на општеството. Во исто време повикува на институционално и општествено вреднување на делото на Гоце Делчев во годината кога се одбележуваат 150 години од неговото раѓање, се наведува во соопштението.
Во него, покрај другото ВМРО-ДПМНЕ реагира дека власта крајно нетранспарентно ги водела преговори со Бугарија и не и кажувала на јавноста што содржи пакетот одговори, ниту пак каков е ставот во однос на јазикот, историјата, ликот и делото на Гоце Делчев и останатите револуционери и други идентитетски теми, стои во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.
Во првичната реакција на СДСМ велат дека ќе ја разгледаат декларацијата но порачаа дека доколку ВМРО-ДПМНЕ било загрижено за Гоце Делчев тогаш тоа требало да го вклучат во текстот на Резолуцијата за црвените линии која неодамна беше усвоена од парламентот.
– Овде очигледно станува збор за обичен популизам , зависно од темата на денот ја креираат нивната политичка агенда. Како одговорна и државничка партија ќе ја разгледаме Декларацијата и ќе се произнесеме, изјавија од СДСМ.
Партиите на Албанците немаат став за Декларацијата. Образложението е дека сѐ уште не ја имале добиено со што не им била позната ниту нејзината содржина.
(М.М.)