Судот во Велес на денешното рочиште ја ослободи од обвинение 23-годишната велешанка Павлинка Илоска.
Илоска беше обвинета за убиство во миг кое го сторила во самоодбрана, додека била физички и вербално малтретирана од својот партнер и му нанела рана со нож со смртни последици.
„Во согласност со Кривичниот законик, нужна е одбраната, која е неопходна. Нападот и одбраната се неопходни елементи. Тој ја влечел, клоцал, ја стегнал околу вратот, неоспорно се утврди од записникот за увид, по самиот увид на настанот, кај обвинетата имало телесни повреди, изразени на главата, ногата и на вратот. Натаму, на овој доказ се надоврзува телесниот преглед на обвинетата“, рече судијката кога го даваше образложението на пресудата.
Претходно, во одбрана на Илоска застанаа невладини организации и Хелсиншкиот комитет.
Хелсиншкиот комитет побара судот да ги има предвид историјата на насилството врз жртвата, интензитетот на нападите и на повредите што му претходеле на настанот, раздразнетоста и уплавот кај жртвата во моментот на случувањето.
Хелсиншкиот комитет за човекови права реагираше на одлуката на Јавното обвинителство да покрене обвинение пред надлежен суд против 23-годишната Илоска затоа што според нив, станува збор за акт на самоодбрана, односно за институтот нужна одбрана, а не за сторено кривично дело убиство на миг.
Илоска неколку години била во врска со полицаец од Велес, кој претходно бил осудуван за изнуда и други кривични дела и во текот на нивната врска таа често била малтретирана и тепана.
Имајќи предвид дека убиството се случило во момент додека починатиот вршел физичко насилство и директно го загрозил животот на жртвата, од Хелсиншкиот комитет посочија дека се јавуваат индиции дека станува збор за нужна одбрана.