Поранешниот претседател на Кривичниот суд, Владимир Панчевски утре излегува од истражниот затвор Шутка по само две недели откако почна да ја издржува затворската казна од 2,6 години за случајот „АКМИС“.
Од затворот во Шутка за Нова ТВ велат дека Панчевски утре треба да излезе од затвор откако тие официјално ќе добијат решение од Врховниот суд од каде по спроведено вонредно преиспитување на пресудите на Основниот суд во Велес и на Апелациониот суд во Скопје, е донесено решение со кое се укинува правосилната пресуда и случајот го враќа на повторно одлучување во скопска Апелација.
Панчевски првично беше осуден на казна затвор од 3,5 години, но Апелација му ја намали за една година. Беше огласен за виновен за Злоупотреба на службената положба, поточно дека рачно местел предмети кај одредени судии, како претседател на судот, во периодот од 2013 до 2016 година.
Тој беше разрешен од судиската функција поради нестручно и несовесно работење во декември 2019 година, а Врховниот суд неговото разрешување го потврди во јуни 2020 година.