Друштвото на писателите на Македонија денеска се прости од писателот Радован Павловски потсетувајќи на неговиот богат опус и нагласувајќи дека е поет-класик во македонската литература.
“Вчера престана да чука срцето на академик Радован Павлоски, поетот-класик во македонската литература, препознатлив по определбата додадена кон неговото име – „принц на метафората“, соопшти Друштвото на писателите.
Неговиот животен пат почнува на 23 ноември 1937 година во Ниш, Србија. Детството го минал во Железна Река, гостиварско, предел кој станува речиси митско место во неговата поезија, а се школувал и работел во Скопје.
Великанот на македонската литература живеел и во Загреб, Хрватска; во Белград, Србија; а од 1985 година трајно се населил во Скопје.
Радован Павловски целиот живот го посветил на поезијата, за што говори неговиот грандиозен опус. Покрај стихови, пишувал и есеи, патописи и се занимавал со публицистика. Член е на ДПМ од 1961 година. Член е на МАНУ и на Македонскиот ПЕН.
Книгите поезија: „Суша, свадба и селидби“ (1961/1971), „Корабија“ (1964), „Високо пладне“ (1966), „Клима и лира“ (1966), „Езерска земја“ (1969), „Низ проѕирката на мечот“ (1971), „Сонце за кое змијата не знае“ (1972, на хрватски), „Пир“ (1973, на хрватски), „Зрна“ (1975), „Молњи“ (1978), „Стражи“ (1980), „Магија момче“ (1981), „Чума“ (1984), „Клучеви“ (1986), „Марена“ (1986), се сведоштво на неговиот непресушен творечки ангажман но и на времето во кое настанаа.
Впрочем како и легендарните Избрани дела во три тома (1986), „Темелник“ (1988), „Зрна, Молњи и Клучеви“ (1989, трилогија), „Замок на розата“ (1990, избор), „Бог на утрото“ (1991), „Светлина“ (1993), ,„Вселенски деца“ (1993, поезија за деца), „Јавач на звукот“ (1995), „Синот на Сонцето“ (1999), „Штит“ (2001), „На едно око“ (2002), „Свртничар на светлините“ (2004), „Господар на перото“ (2006), „Океан во капка“ (2008), „Заштитна повелба“ (2008), „Воспеви“ (2009), „Јас сум време“ (2009), „Мојата ѕвезда“ (2012/2013, собрани дела во 3 тома) и „Се случува вечност“ (2014).
Павловски твореше и со академик Богомил Ѓузел со кого го создадоа манифестот „Епското на гласање“ (1960) и е автор и на „Манифестот на Поетската Република Железна Река“ (1990), на патописот „Отклучување на патиштата“(1986), на книгата есеи „Што може поезијата?“ (1993), „Демократска џунгла“ (1994, политички есеи), „Порака на поетот до поетите на светот“ (1995, СВП) и „Поетиката на походот на Александар Македонски во цивилизациите“ (2009, есеј-студија).
Павловски е добитник на наградите „Браќа Миладиновци“ (1965, 2002), „11 Октомври“ (1971), „Кочо Рацин“ (1975), „Повелба на печалбарите“ (1990), „Гоцевата повелба“ (1991), „Ацо Шопов“ за најдобра поетска книга (1995 и 2014), Жезол на ДПМ (2002). Добитник е и на многу странски книжевни награди и признанија, како и на Орден за заслуга за народ со сребрени зраци. Американскиот биографски институт го прогласи за Личност на годината за 1997 како „еминентна личност наведена во меѓународно и национално признати биографски дела“.
Стиховите на академик Павловски се преведени на голем број странски јазици. Тие се врвни поетски изблици, складирани во ризницата на македонската литература.