Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска денеска оствари средба со Заедницата на заштитни друштва ЗАПОВИМ. На средбата се разговараше за нацрт-верзијата на Предлог законот за вработување на инвалидни лица. Министерката Тренчевска посочила дека текстот на законот не е конечен и оти во неговата подготовка ќе бидат вклучени и релевантни организации, партнери на МТСП, а ќе биде организирана и јавна расправа.
-Ние сакаме да дојдеме до законско решение кое ќе биде во интерес на сите. Лицата со попреченост и нивната вработливост ќе ја добијат централната улога, бидејќи ќе бидат понудени најсоодветните решенија за нивно вадење од системот на социјална заштита. Целта ни е овие лица да ги извадиме на пазарот на трудот за полесно да може да се интегрираат во заедницата. Тоа ќе го направиме заедно, преку дијалог со сите засегнати страни бидејќи само со лица оспособени за работа ќе се зголеми продуктивноста и на заштитните друштва. Во новото законско решение ќе биде вклучена и професионалната рехабилитација на лицата со попреченост за да создадеме широк дијазапон на вработлива структура, нагласила Тренчевска.
Според претставниците на Заедницата на заштитни друштва во државата, со постојното законско решение инклузијата на лицата со попреченост е на задоволително ниво, бидејќи како што нагласиле, 80 отсто се вработени. Посочиле дека бенефициите при вклучувањето на лицата со инвалидитет во работниот процес даваат резултати и за фирмите и за лицата со попреченост. Тие понудиле помош во изготвување на новиот Правилник во делот на професионалната рехабилитација.