Published: Thursday, February 24, 2022 22:00
Објектот на македонското Министерство за надворешни работи (МНР) вечерва блесна во националните бои на Украина, како симбол на поддршка и испраќање на силна порака во овие тешки моменти за украинскиот народ, напиша министерот Бујар Османи на неговиот Фејсбук профил.
Денешниот ден, 24 февруари, е тажен ден за Украина и мрачен ден за Европа. Со нападот врз Украина, Кремљ уште еднаш грубо го прекрши меѓународното право со кое им донесе страдање и уништување на своите непосредни соседи и го прекрши суверенитетот и границите на Украина. Истовремено, ваквите дејствија го доведоа во прашање и мировниот поредок на нашиот континент. За ништо од ова нема оправдување. Војната и огнот не се шега, а употреба на сила и принуда нема место во 21 век, порача Османи преку Фејсбук.
Во оваа прилика, додаде тој, „ја реафирмираме нашата недвосмислена поддршка за суверенитетот, територијалниот интегритет и неповредливоста на границите на Украина и како земја членка на НАТО и одговорен чинител во меѓународната заедница упатуваме апел за итен прекин на воените дејствија врз Украина и враќање на мирот“, нагласи шефот на македонската дипломатија.




