Пред почетокот на седницата на Советот на Општина Центар, Мирослав Шиповиќ даде изјава за медиумите во која кажа дека тој нема да дозволи да биде уценуван и дека никогаш нема да гласа за нешто што е поврзано за проектот Скопје 2014.
Сепак тој избегна да одговори дали денеска ќе гласа за промената на трите урбанистички плана на Општина Центар со кои меѓу другото се предвидува изградба на десеткатница на планината Водно.
Очекувањата на советниците и на вработените во О.Центар се дека ова ќе биде маратонска седница, а во прилог на овие тврдења оди и составот на дневниот ред.
Контроверзните точки со кои се предвидува промена во деталните урбанистички планови за малиот ринг во О.Центар, потоа градска четврт- Капиштец и Тасино чешмиче- Водно се ставени последни на дневниот ред, кој содржи вкупно 17 точки.