Нема ништо вонредно до „вонредното“ обраќање на Ковачевски, бидејќи суштински ништо не кажа што презема владата во насока на заштита на граѓаните од претстојните кризи, порачаа од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
– И додека Ковачевски се занимава со геополитика, народот е гладен и сиромашен. Од Ковачевски слушнавме само демагогија, а не конкретни мерки и чекори, се вели во соопштението.
Од таму бараат Ковачевски да објасни што ќе преземе владата за покачувањето на енергенсите кои директно ќе удрат по стандардот на граѓаните и стопанството.
– Само во година и пол струјата е номинално покачена за над 30%, а за одредени субјекти таа е поскапа и за 300-800%. Горивата исто така се драстично поскапени и за жал се уште ќе растат, а Владата на Ковачевски може да се откаже барем од дел од новите такси и давачки кои ги воведе во изминатите 4 години со цел да ја намали цената на горивата и со тоа да им помогне на граѓаните и компаниите, додаваат од ВМРО ДПМНЕ.
Од таму додаваат дека Ковачевски за разлика од другите лидери во Европа не кажува што презел во насока на обезбедување на доволни стокови резерви, особено кога дел од земјите најавија дека ќе го ограничат извозот на животно битни ресурси.