Со две моторни санки, опрема за спуштање, боци со кислород, јажиња, шлемови и друго тргнавме денеска околу 8 часот кон напуштениот рудник да провериме дали можеби 10 годишниот Петар таму се засолнил. Во потрагата ни се приклучија и припадници на АРМ и сите се надеваме на среќен исход, изјави за НОВАТВ Дарко Неданоски, спелеолог
Спасителите утринава ја продолжија потрагата по Петар Џобоски и тргнаа кон напуштениот рудник „Партизанка“ кој се наоѓа на само 3,5 километри од прилепското село Врбско, од каде во петокот попладне, според пријавата на таткото Стојан, детето се оддалечило од својот дом. Како што вчера веќе објавивме, спелеолозите од службата Златоврв, заедно со други обучени лица, планираат да се спуштат во окно на рудникот длабоко и до 100 метри, а во коешто никој не влегол веќе 40 години.
– Со две моторни санки, опрема за спуштање, боци со кислород, јажиња, шлемови и друго тргнавме денеска околу 8 часот кон напуштениот рудник да провериме дали можеби 10 годишниот Петар таму се засолнил. Во потрагата ни се приклучија и припадници на АРМ и сите се надеваме на среќен исход, изјави за НОВАТВ Дарко Неданоски, спелеолог од службата Златоврв и претседател на Спелеолошката федерација на Македонија.
И припадници на АРМ во потрага по Петар (ФОТО: Спасителна служба Златоврв, Прилеп)
Освен полицајци, припадници на АРМ и на противпожарни друштва, ловџии, во потрагата од завчера се вклучени и деветмина вработени во Дирекција за заштита и спасување.
– Обезбедивме и две возила за вакви теренски услови – моторни санки и обучени луѓе за вакви акции. Да се обидеме да сториме се детето да биде пронајдено, ни рече Севгани Ибрахими, раководител на одделението за организациски работи во Дирекцијата.
Напуштениот рудник е единственото неистражено место околу Врбско во изминатите шест дена, колку што трае потрагата по детето. Се пребаруваше терен во радиус од пет километри околу селото, а потрагата во изминативе два-три дена беше отежната и забавена поради големите наноси од снег кои вчера ги сопреле и теренските возила на половина пат до рудникот.
Надежите се дека токму во напуштениот рудник детето можеби побарало засолниште.
Со моторни санки до рудникот, спасителите пред тргнување (ФОТО: Спасителна служба Златоврв, Прилеп )
(Љ.Б.)