Во јавноста постои поделеност околу оправданоста на одржувањето на концертот на големата Балканска звезда Цеца на 1 август, наспроти големиот македонски национален празник Илинден 2 август во Охрид.
Градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески рече дека локалната самоуправа нема никаква врска со организацијата на концертот и дека тие само го изнајмуваат стадионот како и на секој друг уметник кој сака да настапи во Охрид.
„Она што ние како локална самоуправа им го укажавме на организаторите е дека 2 август не е погоден датум за организација на еден ваков концерт во насока дека Илинден е национален празник на македонскиот народ, и во духот на прославувањето на овој празник не би се вклопил еден ваков концерт. Тоа беа наши укажувања и организаторите План Б продукција тоа го прифатија и тие го поместија концертот за 1 август“, рече Бакрачески
Бакрачески рече дека Јавното претпријатие Билјанини извори стадионот го изнајмува за одредена финансиска надокнада и дека мора да наоѓа средства за да може да функционира.
„Ние не можеме со оглед на фактот дека на тој стадион во изминатите 20 години за 2 август се одржувале концерти и тука настапувале голем број на музички имиња од различни држави од светот да правиме селекција на музичарите или групите кои ќе настапуваат по етничка, религиозна и национална природа. Доколку некој побара да го користи стадонот не можеме на некој да го даваме, а на некои да кажеме дека се непогодни.Секогаш кога се организирата вакви манифестации мора да се внимава и на фактот дека голем број на туристите кои доаѓаат во Охрид се од Србија. Ние треба да внимавме и на тоа и доколку забраниме на одреден музичар од Србија да настапува , а на било кој други музичари дозволиме да настапуваат, тоа нема многу да им се допадне на туристите од Србија“, рече Бакрачески.
Ние не смееме да си дозволиме да постојано правиме некои активности со кои ќе ги одвраќаме гостите да доаѓаат во Охрид, додаде тој.




