Ник Рубин, еден Американец од 16 години од Сиетл, направил апликација за да се демаскираат корумпираните политичари на вашиот екран. Апликацијата се вика Гринхаус. Кликнувајќи на името на политичарот од американскиот Конгрес, можете да видите од каде доаѓаат парите кои тој ги собрал за својата кампања.
Овој млад човек кој обожува информатика и политика во едно интервју за vice.com вели дека негова желба е да ги натера политичарите на поголема транспарентност: “Кога ќе кликнете на името на политичарот се појавува страница на која можете да ги видите сумите кои тој ги добил како и имињата на донаторите”, вели Рубин. Така лесно се открива дали некој политичар кој, на пример, бил против некој закон за животната средина, добил пари од некоја нафтена компанија, медицинска индустрија или адвокатски кабинет.
“Она што ме загрижува е огромото количество пари кои се ставаат во системот а тоа е огромно количество. Кога луѓето ќе бидат информирани ќе можат да ги отфрлат политичарите кои повеќе сакаат пари од принципи. Се надевам дека Гринхаус ќе им дозволи на луѓето да ја видат историјата на парите кои стојат за актуелните вести”, вели Рубин.
Апликацијата дозволува да се види и процентот што го даваат американските граѓани за изборната кампања. Рубин има Твитер на кој секој ден објавува во една “приказна на денот” односно информација за проблемите што ги отвора Гринхаус.
Светот покажува интерес за оваа апликација. Но проблемот е во тоа што во многу земји списокот на донаторите и нивните пари дадени за изборите се недостапни.