ВМРО-ДПМНЕ категорично и јасно ги реафирмира своите принципиелни позиции да не прифаќа, во ниту една варијанта, условувања и ултиматуми за одржување на локалните избори закажани за 24 март 2013 година.
Ова е заклучокот донесен на седницата на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ одржана во текот на вчерашниот ден, на која беше разгледана актуелната политичка состојба во Република Македонија и беше донесена одлука за утврдување кандидати за градоначалници во повеќе општини.
Извршниот Комитет повторно ја реафирмираше одлуката дека за ВМРО-ДПМНЕ се целосно неприфатливи условувањата и поврзувањето на одржување на локалните избори со каков било договор за одржување предвремени парламентарни избори или пак со какво било одложување на веќе закажаните локални избори.
– ВМРО-ДПМНЕ нема намера да дозволи со непринципиелни политики, со предизвикување инциденти, пресметки и блокади да се реализираат политички условувања и уцени и да се диктираат политички настани базирани исклучиво на личните желби и интереси на еден човек, наместо базирани на интересите на државата и граѓаните. Не постои ниту најмала, па дури ни теоретска можност ВМРО-ДПМНЕ да прифати компромис во кој би се споменувала каква било варијанта на предвремени избори или одложување на веќе закажаните локални избори, соопшти денеска ВМРО – ДПМНЕ.
Доколку Бранко Црвенковски сака да ги одмери своите и силите на СДСМ со ВМРО-ДПМНЕ, од партијата уште еднаш го повикуваат да излезе на локалните избори закажани за 24 март.