13 македонски државјани безбедно се вратија од Украина.
Меѓу нив и Димитар Свирков, кој со сопругата и бебето Симеон, старо само 12 дена беа успешно евакуирани од градот Харков, каде се водат најжестоките борби во воениот конфликт.
„Пет дена патуваме, низ разни предели, многу е тешка ситуацијата во Украина. Бевме сместени во Хаков, ја фативме таа ситуација и беше многу тешко за евакуација. Седевме во станбена зграда, местото за евакуација беше многу далеку и беше ризично да излеземе. Последниот ден, со тешки маки се извлековме благодарение на ОБСЕ“, со емоции раскажуваат Димитар и сопругата и се заблагодарија на македонското МНР за помошта да ги извлечат од ризичното подрачје.
Тие патувале со три возила, два автомобили и едно комбе и доцна попладнево влегоа од Бугарија во Северна Македонија преку граничниот премин Деве Баир.
Од МНР информираа дека во тек е евакуација на уште 40 македонски државјани и нивни семејства. Уште 38 граѓани на Северна Македонија се уште престојуваат во Украина, а кога ќе бидат евакуирани за сега не се знае.
(Видеото е позајмено од 24 вести)