– Застануваме солидарно зад Славјанка Петровска, зашто ниедна жена не треба да биде мета на родово базиран говор на омраза. Изминатиов период повторно гледаме што сѐ ѝ се случува на една жена која има јавна професија и професионално си ја извршува работата. Сè додека јавноста ги гледа жените единствено низ сексистичка призма, ниту ќе видиме повеќе жени на одлучувачки позиции, ниту ќе се искорени објективизацијата на жените во сите полиња на нејзиното постоење, ваков статус на ФБ денеска осамна кај поранешни министерки и јавни личности претежно жени под хаштагот „СоНеаСме“, во знак на поддршка кон актуелната министерка за одбрана Славјанка Петровска која деновиве се соочува со напади и понижувања на социјалните мрежи од типот на најнедолични долности и квалификативи.
„Клопчето почна да се тркала“ откако при посетата на министерката за одбрана Петровска на Обединетот Кралство не се интонираше нашата национална химна туку само песната „Јовано,Јованке“ што како што изјави синоќа во јавен настап, била нејзина омилена песна. Не помогнаа ниту објаснувањата од Британската амбасада во земјава дека химната според протоколот се свири само при посети на претседател на држава или на влада.
Дека јавната сцена е бескрупулозна, тоа го знаеме сите, или барем оние кои имаат професија поврзана со јавност. Ако не те „удрат“ по интелигенцијата ќе те „удрат“ по физичкиот изглед или брачниот статус или политичката припадност.. Овој трулеж на социјалните мрежи веќе е крајно време да стане предмет на социолошко-псиколошки и психијатриски анализи и соодветно на тоа третиран, но пред се на органите на прогонот, зашто негативниот набој кој го билдаат во виртуелниот свет, се пресликува и во реалниот.
Пишувајќи го ова за министерката Славјанка, редно е да се споменеме дека, за жал, не е единствената која била „ расчеречена“ на „ѕидот на срамот“ кој со своите болни умови го изѕидале разно разни ликови зад тастатурите,ботови,луѓе со нарушени мисли..
Во таа неславна низа на македонскиот дигитален свет, сеуште се свежи зборовите кои врз основа на тоа што се само жени, им беа упатени на една Ермира Мехмети, Силвана Бонева, Радмила Шеќеринска, Даниела Рангелова и на многу други од јавниот и политичкиот живот.
( М.Т.)