Северна Македонија се приклучи на земјите кои бараат од Меѓународниот кривичен суд во Хаг да отвори истрага за воените дејствија во Украина.
– Можам да потврдам дека од денес на 39-те држави кои бараат отворање истрага за воените дејствија во Украина им се приклучија уште две земји – Северна Македонија и Јапонија, објави денес главниот обвинител на Меѓународниот суд во Хаг Карим Кан во изјавата што попладнево ја даде во однос на случувањата во Украина.
Обвинителот Кан дополни дека побарал одобрување да собира инкриминирачки докази уште на 28 февруари и дека веќе до 2 март, 39 држави побарале од Меѓународниот кривичен суд да покрене истрага за случувањата во Украина, што како што рече му овозможило веднаш да покрене истрага и да почне да собира докази.
– Мојата канцеларија одговори веднаш на овој колективен повик без преседан. Истражувачкиот тим кој го распоредив во регионот минатата недела веќе почна со собирање докази, рече обвинителот повикувајќи ги сите кои имаат докази или се сведоци на случувања, да соработуваат со Судот.
Обвинителот Кан изрази загриженост од развојот на ситуацијата и нападите врз цивилното население и ги повика сите инволвирани во конфликтот да го почитуваат меѓународното хуманитарно право.
Тој рече дека е отворен специјален портал на кој може да се пријавуваат случаи на прекршување на хуманитарното право при воените дејствија во Украина.
– Наша заедничка цел е да обезбедиме да одговараат сите што ќе сторат меѓународни кривични дела, истакна обвинителот.