За излез од политичката криза лидерот на СДСМ, Бранко Црвенковски побара локалните избори да се одложат за еден месец и да се одржат на 28 април и ако на тие избори опозицијата освои барем глас повеќе, да има парламентарни избори кои ќе се одржат на 29 септември.
Предлогот на Црвенковски доаѓа пред истекот на рокот за поднесување кандидатури за локалните избори закажани за 24 март.
“Многу е едноставен и има само две точки: Прво, со цел да се овозможи учество на опозицијата и измени на изборниот законик согласно со препораките на ОБСЕ/ОДИХР, локалните избори се одлагаат за месец дена и ќе се одржат на 28.април. Второ, ако на тие локални избори советничките листи, здружената опозиција Сојуз на иднината освои барем еден глас повеќе од листите на коалицијата околу ВМРО – ДПМНЕ, ќе има предвремени парламентарни избори кои ќе се одржат на 29 септември“, објасни лидерот на СДСМ.
-На 24 декември се случи кршење на Уставот, законот, деловникот и грубо полициско насилство врз новинарите и пратениците, подвлече Црвенковски.
-Во целиот изминат период, владата и премиерот во ниту еден момент не покажаа одговорност за состојбата во која ја доведоа земјата и ги одбија сите понудени предлози за излез од кризата, смета тој.
Денес кога е конечно јасно дека оставките на пратениците се потпишани и ковертирани и бојкотот на локалните избори е извесен, сакам да го соопштам нашиот последен предлог за надминување на кризата, беше дециден лидерот на СДСМ пред новинарите.