Покрај бракот како заедница меѓу еден маж и жена, со уставните измени во Уставот да се дефинира и вонбрачната заедница како заедница меѓу еден маж и една жена.
Како што објавува Утрински весник ова го предвидуваат уставните амандмани што Владата во петокот ги доставила до Собранието и кои денеска им беа поделени на пратениците.
Претседателот на Собранието Трајко Вељаноски денеска соопшти дека до парламентот се стигнати седум нацрт-амандмани и информира дека уставното регулирање на бракот е проширено и за вонбрачната заедница, со што правата и обврските што произлегуваат од ваквиот тип заедници не може да важат за истополовите парови.
Во однос на Судскиот совет, Владата предлага десет од неговите членови да ги избираат судиите, тројца на предлог на Собранието, а двајца на предлог на претседателот на државата. Во нацрт-амандманот се предлага членовите на Судскиот совет да немаат право на реизбор. Името на Народната банка на Македонија ќе се менува во Банка на Република Македонија, а во однос на Државниот завод за ревизија, со нацрт-амандманот се предлага тој да биде независен државен орган, а оти неговиот прв човек го избира Собранието.
Петтиот нацрт-амандман се однесува на формирање на финансиска зона, а со шестиот Владата ја регулира финансиската политика и одредува дека дефицитот не може да изнесува над три отсто од БДП, а јавниот долг не може да биде поголем од 60 отсто од БДП. Последниот амандман се однесува на надлежноста на Уставниот суд, односно дека Судот ќе може да одлучува по уставната жалба за човекови права, како и за одлуките на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители.
Претседателот Вељаноски информираше дека седница на Комисијата за уставни прашања, со која тој раководи, ќе ја закаже за 25 август, а два дена подоцна и седницата на која со 62 гласа треба да бидат изгласани.




