Исто така, постојано ги јакнеме и супервизорските капацитети на Народната банка во овој сегмент, заради што неодамна формиравме и посебна дирекција за ИТ-супервизија, рече Ангеловска-Бежоска
Има од 2 до 5 сајбер напади годишно на IBAN броеви на фирми во земјава, беше кажано по денешната работилница со новинари на тема „Кибербезбедност во финансиите“ во Народната банка, на која присуствуваше и гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска.
За клиентите да се заштитат од овие напади, банките воведуваат дополнителни сигурносни мерки.
– Бројот на сајбер напади во Македонија на фирми не е голем, се движи од 2 до 5 годишно, а се реализира најчесто преку фактурата што ја плаќа фирмата. Затоа ние направивме стоп на IBAN броевите (International Bank Account Number) и за да се заштитат клиентите, ако се појави барање за плаќање со стариот IBAN број, ние наложуваме бројот да се провери и да се внесе дополнителен број, за заштита, беше кажано на маргините на работилницата.
Но има случаи и на неодговорни клиенти кои се случува да не ги разбираат сериозно заканите од сајбер напади во кои може да бидат олеснети за големи парични износи, па кога од банките ги предупредуваат да дадат друг број, дури одговараат „на одмор сум, оставете го истиот број“.
Инаку, финансиските институции се за 300 отсто поверојатна мета на сајбер напади од другите, беше речено на работилницата, а инцидентите во финансискиот сектор се за шестпати поголеми од сајбер инцидентите во другите сектори.
Гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска рече дека „не треба да се откажуваме од придобивките од финтек-секторот, туку постојано да ја јакнеме заштитата против сајбер нападите“.
– Сајбер нападите се данокот за брзиот глобален технолошки развој. Од друга страна, напредната технологија нуди поразновидни и поевтини услуги во финансискиот сектор. Со цел да се искористат предностите коишто ги носи финтек-секторот, потребно е да му се обрне поголемо внимание на развивањето соодветен систем и механизми за успешен одговор на сајбер нападите, рече Ангеловска-Бежоска.
– Во текот на последните две декади, финансискиот систем значително се измени со појавата на интернетот и користењето на новите информациски технологии. Новите технологии и дигитализацијата доведоа до забрзување на економскиот раст и напредок. Но, брзото проширување на мрежите и технологиите, отворањето на ИТ-системите кон надворешни платформи за комуникација, сѐ повисокиот износ на електронски трансакции доведоа до појава на нов тип на опасност, наречен сајбер ризик. Поновите анализи на глобално ниво посочуваат дека финансиските институции се поверојатна мета на напади за 300 пати во однос на другите институции, посочува Ангеловска-Бежоска.
Гувернерката вели дека поради овие закани, не треба да се занемарат придобивките што ги носи финтек-секторот, туку дека треба да се гради систем од страна на банките и нивниот регулатор, којшто соодветно ќе им одговори на предизвиците.
– Следејќи ги меѓународните стандарди, постојано ги јакнеме регулаторните барања што треба да ги исполнуваат банките, а се однесуваат на јакнење на информациската безбедност. Ова уште повеќе ќе добие на тежина со усвојувањето на новиот Закон за платежни услуги којшто позначително би ги поттикнал дигиталните иновации во финансискиот сектор, а со тоа и потребата за заштита од сајберризици. Исто така, постојано ги јакнеме и супервизорските капацитети на Народната банка во овој сегмент, заради што неодамна формиравме и посебна дирекција за ИТ-супервизија, рече Ангеловска-Бежоска.
Љ.Б.