Од утре и официјално почнува со опслужување редовната авиолинија Софија-Скопје-Софија. Првиот лет ќе се реализира во 05:30 часот кога на Меѓународниот аеродром Скопје треба да пристигне авионот на компанијата „Гуливер“.
Авионското поврзување меѓу главните градови на Северна Македонија и на Бугарија е првиот конкретен чекор на соработката што ја најавија премиерите Димитар Ковачевски и Кирил Петков по првата нивна средба на 18 јануари во Скопје. Една недела подоцна, на 25 јануари, двете влади во Софија одржаа заедничка седница и потпишаа два документа за зајакнување на инфраструктурното поврзување на двете земји, за директна авиолинија Скопје – Софија и за железничкиот Коридор 8.
Симболично, првиот лет со кој се возобнови авиолинијата беше реализиран на 11 февруари минатиот месец, а со него од Софија во Скопје пристигнаа македонска и бугарска делегација предводени од министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски и неговиот бугарски колега, Николај Сабев.
Скопје-Софија е новина со летниот распоред на летање, што стартува викендов, а со кој се обновуваат и дел од линиите што беа укинати пред ковид пандемијата.