Укинување на носењето на маски за учениците во средните училишта и овозможување на екскурзии за учениците во основните и во средните училишта, препорача Комисијата за заразни болести на вчера одржаниот состанок.
„За укинување на останатите мерки ќе почекаме уште една недела. Епидемиолошката состојба има тренд на надолна линија, се намалува и бројот на новозаразени и хоспитализирани. Болничките капацитети се празнат. Трендот е позитивен. Се намалува трансмисијата на вирусот и како резултат на тоа наредната недела ќе разгледуваме дел од актуелните мерки и ќе видиме кои од нив може да бидат укинати“, изјави портпаролот на Комисијата, доктор Злате Мехмедовиќ.
Учениците или родителите кои сметаат дека нивните деца сè уште треба да носат маски, може да ги носат, без оглед на тоа што се укинува таа задолжителна мерка.
Комисијата за заразни болести ќе ја разгледа и можноста за олабавување на мерката за влез во државата, како и за укинување на други ковид-рестрикции.
Вкупниот број ковид-дијагностицирани во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 305.717, бројот на оздравени пациенти е 294.662, на починати е 9.220, а на активни случаи изнесува 1.835 од кои најголем број 1007 се од Скопје.