Израелската армија вчера целосно се повлече од Газа по еден месец војна. Според портпарол на армијата “војската ќе биде распоредена вон од Газа на одбрамбени позиции“.
Според Хафингтон Пост, тешко е да се верува дека големата пресија на меѓународната заедница конечно го натерала Израел да се повлече бидејќи реакциите од светот немаа големо влијание врз Израел и покрај тоа што дури и САД изјавија дека се скандализирани по бомбардирањето на училишта во Газа. Многу лидери го употребија и зборот “масакр“ зборувајќи за акциите на армијата во Газа.
Постојат други причини кои го натерале Израел да се повлече.
Официјално станува збор за тоа дека целта на акциите е постигната. По воздушните напади почнати на 8 јули, копнените сили на Израел влегоа во Газа на 17 јули за да ги урнат тунелите кои Хамас ги користи за напади врз Израел. Според армијата на Израел, мисијата на уништување на тунелите е завршена оваа недела. Што значи дека целта е постигната и дека Израел победил во оваа војна.
На ова официјално објаснување можат да додадат и други причини. Весникот “Монд“ анализира дека билансот на операцијата е полош отколку за време на претходните операции на Израел во Газа. Израел загубил 64 војници што е четири пати повеќе отколку во минатите операции. Оттука, Израел одлучил да се повлече откако Хамас решил да престане со пукањата на ракети кон Израел.
Второто објаснување е волјата да се биде иницијаторот на преговорите што треба да се отворат. Израел и Хамас го прифатија предлогот на Египет за примирје иако Израел тоа го одбиваше на почетокот додека претставници на Хамас веќе беа во Египет. Според Египет овој пат станува збор за “обемни преговори“ а не како досега само обиди за посредништво. Овој пат Израел прифати да испрати делегација во Каиро.
Според аналитичарите овие преговори ќе бидат напнати бидејќи двете страни имаат услови кои тешко можат да се усогласат. Оттука и претпоставката дека Израел одлучил да се повлече од операцијата за да добие повеќе позитивни поени пред стартот на преговорите и да тврди дека направил гест за да ја нормализира состојбата.
Сепак, и покрај навестувањата дека преговорите ќе почнат, Израел предупредува дека нема да се колеба да бомбардира повторно доколку дојде до нов напад од страна на Хамас.