Буквата Z, која прерасна во симбол на руската агресија во Украина, под која се испишани РФ се забележани на фасадите на неколку објекти во Битола, пренесува сдк.мк.
„Графити од таков тип во космополитски град каков е Битола каде имате православна црква, џамија и синагога на простор од 500 до 800 не се одраз на мултикултурата и големината на битолчани. Таквата појава е за осуда како израз на постоење на поединци и организирани групи кои шират руска пропаганда“, вели професорот на Факултетот за безбедност во Скопје, Марјан Ѓуровски, кој е меѓу учесниците на „Катедра Аденауер 2022“: ЕУ по руската инвазија – нов потенцијал за забрзан пристапен процес на Западен Балкан.
Од Конференцијата произлезе барање до институциите во Битола, но и до политичките партии во земјава за осуда на таквата појава во Градот на конзулите, но и заедничка порака на учесниците за забрзување на процесот за членство на Македонија во Европската Унија.
Катедрата во Битола беше во организација на Фондацијата „Конрад Аденауер“ во соработка со Центарот за европски студии „Вилфрид Мартенс“ од Брисел, Институтот за општествени истражувања – МК91 и Битолскиот универзитет.