Возачот кој ја прегази Викторија кај „Сити мол“ призна вина во судот.
Јордан Ѓорѓиев, возачот кој во јануари оваа година ја прегази 24-годишната Викторија од Радовиш на раскрсницата кај Сити Мол, призна вина за сообраќајната несреќа на денешното рочиште.
Тој пред судијката Љубинка Бошевска рече дека „многу се кае за стореното дело“.
„Се чувствувам виновен и многу се каам за стореното дело. Признанието го давам свесно, без никакви уцени и свесен сум за последиците од истото”, рече Ѓорѓиев.
Неговиот адвокат Душко Јанковиќ предложи да не се изведуваат докази за сообраќајката, туку само оние докази кои се важни за определување на висината на казната. Бошевска го прифати ова барање бидејќи обвинетиот признал вина.
Ѓорѓиев возел со брзина од 67,3 километри на час што е 17,3 километри на час повеќе од пропишаната брзина.
Во сообраќајната несреќа кај „Сити мол“ загина 24-годишната Викторија Николова од Радовиш, а со телесни повреди се здоби нејзиниот партнер Леонид Даов.