Хравн Форсне тврди дека му е син на поранешниот француски претседател Франсоа Митеран. Форсне е кандидат од десничарска партија на парламентарните избори во Шведска и одлучи вчера пред новинарите да каже кој му е татко.
Хравн има 25 години и е син на Кристина Форсне која денес има 66 години. Таа е новинарка и долго години била дописник на весникот Афтонбладет и националната телевизија на Шведска во Париз. Во својата книга под наслов “Франсоа” таа ја раскажува својата интимна врска со францускиот претседател во периодот помеѓу 1980 и 1995 година.
Насловната страна на книгата
Форсне отсекогаш одбивала да каже кој е татко на нејзиниот син Хравн роден во 1988 година. Тој самиот одлучи да ја објави веста дека Митеран му е татко во локален весник. На светските агенции кои побараа од него интервјуа тој одговори дека на таа тема сака да зборува само за локалните медиуми “затоа што за нив тоа е важно, за нив и за моирте сограѓани кои треба да знаат кој е нивен кандидат за изборите, но не сакам да зборувам за странските медиуми”, рече Хравн на одличен француски јазик.
Тој тврди дека не му е важно дали ќе биде познат во Франција бидејќи е шведски политичар: “Само шведската политика ме интересира”.
Хравн живее во Кулавик на југо-западот на Шведска и е член на партијата на премиерот Фредрик Реинфелд. Најголем интерес покажува за прашањата на образованието. Според шведските медиуми тој може да биде избран на 14 септември кога се одржуваат изборите во оваа земја.
Кристина Форсне се сретнала со Митеран уште во 1979 година кога тој се уште не бил претседател и бил на чело на Социјалистичката партија. Тие се сретнале за време на едно патување во Палестина а потоа во јули 1980 година Митеран почнал сериозно да и се додворува на новинарката. “Повеќепати ми кажа дека јас сум неговата вистинска љубов”, вели таа во книгата. Таа добро знаела дека Митеран е оженет со Даниел и дека со неа има два сина како и тоа дека бил во вонбрачна врска со Ан и со неа ја добил ќерката Мазарин во 1974 година.
Кристина Форсне
По една вечера во Париз на покана на Митеран, врската помеѓу нив двајцата станува редовна се до 1981 година кога тој е избран за претседател на Франција. Според неа, тие двајцата ја минале вечерта пред изборите. Кристине ги снимила разговорите со него за да ги сочува како спомен.
Сопругата на Митеран знаела за врската и во една прилика одбила да го придружува сопругот на официјално патување во Конго затоа што шведската новинарка исто така била дел од новинарите кои го покривале патувањето.
Митеран, како и многу француски претседатели, бил човек кој имал врски со повеќе жени во текот на својот живот. Познато е дека слабост му биле новнарките.