Штрајкот во образованието продолжува и во наредните денови, а продолжуваат и преговорите на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК) со Министерството за образование и наука (МОН). Членовите на СОНК во училиштата и детските градинки во понеделникот стапија во штрајк, поради барањето за зголемување на платите.
Претседателот на СОНК, Јаким Неделков очекува до денеска до 12 часот да имаат понуда за да можат да ја дистрибуираат, да соберат повратни информации и евентуално Советот на СОНК да донесе одлука и да има време да се објави дека од понеделник ќе продолжи наставата. Во спротивно, како што рече, ќе кажат дека нема решение и Советот нема да може да ја смени одлуката, затоа што членството не ја прифаќа понудата и ќе мора да продолжи штрајкот.
Тој апелира што побрзо да се дојде до решение и да се врати нормалниот тек во училиштата и во градинките.
На прашањето која е црвената линија што членството, односно СОНК, може да ја дозволи за штрајкот да биде прекинат, Неделков нагласи дека не разговарале за црвена линија, меѓутоа тоа не значи, подвлече, дека под 18,4 проценти нема ништо да прифатат.
„Колку ќе прифатиме, многу зависи од тоа колку ќе нѝ понудат. Ако биде симболично, тоа членството ќе го препознае и ќе сфати дека тоа е несериозен предлог“, рече меѓу другото претседателот на СОНК.
Синдикатот бара платите на вработените веднаш да бидат зголемени за 18,4 отсто, согласно со порастот на минималната плата која од овој месец е 18.000 денари и, дополнително, таа да биде основица со која ќе се множат коефициентите на сложеност на работни места.
На средбата, како што информираше претседателот на СОНК, повеќе се разговарало за тоа кога ќе продолжи наставата, како ќе се надополнат часовите и кои се последиците од штрајкот.
Министерот Шаќири, како што изјави Неделков по средбата, подвлекол дека ќе има зголемување на платите и дека се прават максимални напори од другите министерства да се пренасочат средства.
„Неговото уверување беше дека ќе има, меѓутоа и самиот не знае колку ќе има и затоа ниту тој сакаше да шпекулира, ниту ние не знаеме за колку средства се работи“, изјави Неделков.
Според министерот Шаќири, секој нереализиран наставен ден поради штрајкот, значи продолжување на наставната година по 9 јуни.

„Ситуацијата би предизвикала и пролонгирање на сите претходно утврдени рокови за полагање на училишна матура, за уписи во средните училишта, но и во високообразовните установи во земјата и во странство. Исто така, неработењето на училиштата го оневозможува правото на околу 500 наставници да полагаат стручен испит како основа за понатамошно вработување на неопределено работно време“, потенцирал министерот.
Во однос на надоместувањето на загубените денови во наставата во училиштата и одложувањето на сите рокови, уписи во средно и во високото образование, матури, по 10 јуни, според СОНК, тоа е цената што ја плаќаат и едната и другата страна и затоа не е потребно „тактизирање“. Според претседателот на СОНК, има повеќе варијанти, но најсоодветно решение е да нема продолжување на учебната година затоа што учениците не се виновни за ситуацијата.