Имаме индиции дека пожарот во кругот на поранешната фабрика „Треска“ е најверојатно подметнат, истакна градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска попладнево на својот Фејсбук профил.
Пожарот е локализиран, речиси целосно изгаснат, и не претставува опасност.
„Од индициите коишто ги имаме најверојатно се работи за пожар што е почнат на потегот, како што ми спомна командирот, со сомнение дека има лица коишто го подметнале. Тоа е информација која што ја добивме и од комшиите кои живеат непосредно тука, кои виделе дека има лица на овој потег, вели Арсовска, нагласувајќи оти треба да има најстроги мерки за оние кои го направиле ова.
Таа, меѓу другото, ја пофали Противпожарната бригада на Град Скопје за, како што наведе, брзата и посветена интервенција.
„Големиот пожар во кругот на поранешната фабрика Треска е локализиран. Целата противпожарна бригада, 55 пожарникари работеа посветено цели два часа да го локализираат, да го изгаснат овој пожар“, порача Арсовска.
Командирот на скопската Бригада за противпожарна заштита, Ѕвонко Томески информира дека на пожарот веднаш интервенирале со сите расположливи сили. Посочи оти нема повредени пожарникари.
„Приоритет нѝ беше да спречиме ширење на пожарот на соседните објекти за домување, како и објектите кои се наоѓаат во кругот на фабриката „Треска“. Благодарние на брзата интервенција не е дозволено проширување на пожарот. Изгаснат е во рамки на она што е затекнато. За наша среќа, нема повредени ниту граѓани, ниту пожарникари“, рече Томески.
Причината на пожарот, вели, ќе ги утврдат истражните органи. Дополни дека во самата фабрика, односно во погоните кои се таму, во непосредна близина има остатоци на лепаци, иверици, сунѓери, а според него можно е да имало и некоја боца.