Бугарскиот премиер Кирил Петков, потпретседателката Илија Јотова, министерката за надворешни раноти, Теодора Генчовска, како и пратеници од ГЕРБ, БСП и „Промените продолжуваат“ попладнево остварија заедничка средба со претставници на бугарските друштва во Генералниот конзулат на Бугарија во Битола.
„Присуството на претставници од различни политички партии покажа дека Бугарите во Северна Македонија се наш вистински приоритет“, подвлече Петков.
„Вие сте мост, кој што е двигател за да ѝ го покажеме патот на Северна Македонија кон Европската Унија. Ако не работиме заедно, постои опасност проблемите да продолжат низ годините“, додаде тој, пренесуваат бугарските медиуми.
Потпретседателката на Бугарија, Илијана Јотова истакна дека правата на Бугарите треба да бидат загарантирани во Уставот на Северна Македонија и почитувањето на тие права е услов за почеток на преговори на земјава со Европската Унија.
Бугарските медиуми го истакнуваат податокот дека само 3.504 лица се изјасниле како Бугари на неодамнешниот попис во Македонија и дека бугарските здруженија ги отфрлиле резултатите од пребројувањето кои беа објавени кон крајот на март.
Бугарската делегација, по средбата со претставници на бугарското малцинство во земјава, присуствуваше на отворање на клуб во рамки на Културниот центар „Иван Михајлов“ во Битола, а потоа одговараше на прашања на новинарите.