Никој од македонската влада не учествувал во организацијата за отворање на клубот при бугарскиот културен центар „Иван Михајлов“ во Битола, ниту, пак, бил поканет да присуствува на свеченоста, изјави министерот за надворешни работи, Бујар Османи по посетата на трансформаторската станица „Битола 2“ на МЕПСО, заедно со премиерот на Бугарија, Кирил Петков и шефицата на дипломатијата, Теодора Генчовска.
„Тоа беше во организација, мислам на клубот, на бугарската амбасада. Ние не бевме вклучени во тој дел. Повеќе беше иницијатива на амбасадата. Ние учествувавме во презентација на далеководот Битола – Елбасан кој е дел од Коридорот 8 и важен е за инфраструктурното поврзување на двете држави, вклучувајќи ја и дистрибуцијата на електрична енергија, бидејќи Бугарија со ова ќе добие шанса за извезува струја не само во Албанија, туку и во Италија. Меѓутоа и за нас, бидејќи во овој дел ја заокружуваме мрежата“, рече Османи.
Османи, Петков и Генчовска ја посетија трансформаторската станица „Битола 2“ на АД МЕПСО, која енергетски ги поврзува Република Северна Македонија и Република Албанија и преставува дел од поширокиот инфраструктурен проект за енергетско поврзување, дел од Коридорот 8.