Генералниот штрајк на Самостојниот синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) ќе продолжи и во деновите што следуваат. Советот на СОНК на денешната седница одлучи да го одбие предлогот на Владата за 10 проценти покачување на платите за прекинување на штрајкот кој почна на 11 април.
„Една од причините зошто овој предлог не е прифатен од СОНК е зошто истиот бил предложен усно, наместо во писмена форма“, информираа од СОНК, од каде додаваат дека над 95 проценти од синдикалните организации се изјасниле за отфрлање на дадената усна понуда.
Претседателот на СОНК, Јаким Неделков на прес-конференција рече дека членството реагира на несериозниот пристап на надлежните кои, како што наведе, скоро два месеца преговараат, а реално не даваат никаков конкретен предлог на доставените писмени барања.
„Членовите на СОНК констатираат дека ваквиот пристап на Владата не води во правец на брзо решавање на проблемот и прекинување на штрајкот. Зголемувањето на платите од 10 проценти во детска заштита, основно и средно образование воопшто не кореспондира со висината на зголемување на минималната плата оваа година и не е соодветна стимулација за враќање на достоинството на професијата“, рече претседателот на СОНК, Неделков.