Седум здруженија на Македонците од Бугарија, но и гости од земјава и странство, денеска присуствуваа во Мелник, на одбележување на 107 години од смртта на Јане Сандански.
Собирот, како што истакнуваат од македонското здружение „ОМО Илиден Пирин“, минал во мирна атмосфера и изразуваат задоволство од масовноста. Жалат што бугарската полиција не дозволила користење на озвучување, но генерално се задоволни од соработката со локалните власти.
Објавена е заедничка Декларација со 12 точки, меѓу кои и повик до бугарските власти за почитување на одлуките на Судот во Стразбур и, конечно, да дозволат регистрација на здруженија и партии на Македонците во Бугарија, но и реципроцитет и впишување во бугарскиот Устав.
Семакедонскиот собир во Мелник е еден ден по отворањето на клуб при бугарскиот Културен центар во Битола на кој присуствуваше висока делегација од Софија предводена од премиерот Кирил Петков, а во која беа уште потпретседателката Илијана Јотова, министерката за надворешни работи, Теодора Генчовска и нејзината претходничка и актуелна пратеничка од редовите на ГЕРБ, Екатерина Захарова.