Штрајкот во образование ќе продолжи до оној момент додека постигнеме договор со надлежните, објави претседателот на СОНК, Јаким Неделков на прес-конференцијата што заврши пред малку.
Тој прочита низа заклучоци од денешната шеста редовна седница на Советот на СОНК, највисокото тело на Синдикатот за обрзование, наука и култура, со кои се отфрлаат заклучоците од вчерашната 40-та седница во Владата.
„Советот на СОНК констатира дека заклучоците на Владата не водат кон решавање на несогласувањата меѓу Синдикатот, МОН и МТСП, односно со Владата. Овој став на Советот на СОНК се темели на огромниот број на дискусии на членовите во кои, без исклучок се констатира дека со заклучоците на Владата се врши силен притисок врз штрајкувачите“, нагласи Неделков.
Потоа го образложи и ставот на Советот на СОНК.
„Аргументите на Советот се – се спори правото на штрајк од аспект на запазување на закон и процедура, односно се бара според кој правен акт е организиран штрајкот и зошто е прекинат воспитно-образовниот процес во градинките и училиштата. Советот на СОНК на 29 март донесе одлука за организирање на генерален штрајк која што е доставена до МОН и МТСП на 4 април, а врз основа на барања за усогласување на платиоте со минималната плата доставено до МОН и МТСП од 3 март. Известувања до градоначалникот и директорите на установите се доставени на 31 март“, појасни Неделков и пред камерите ги посочи сите документи за кои потенцира дека се архивирани и, како што кажа, доставени до сите споменати органи на управување кои биле правовремено информирани.
Првиот човек на СОНК потенцира дека „Синдикатот не чувствува никаква одговорност врз основа на кој акт е прекинат воспитно-образовниот процес во училиштата и градинките од причина што нема таква надлежност“ и посочи дека „одговорот треба да се побара на друго место“.
„Советот на СОНК констатира дека одредени министри упорно се обидуваат да ги заплашуваат штрајкувачите со кратење на дневниците во деновите на штрајк. Тоа го сметаме како обид за спречување на штрајкот. Освен законското право за исплата на плата при штрајк, постојат и членови во Колективните договори со кои се допрецизира исплаќањето на дневници за време на штрајк и во кој се вели „работодавачот е должен да исплати надоместок на плата за работниците за време на штрајк, за работниците кои учествувале на штрајкот во висина на основната плата на работникот, доколку Синдикатот организарал штрајк заради кршење на правата на работниците утврдени со закон, Колективен договор или акт на работодавачот“. Затоа не треба да се заплашуваат штрајкувачите дека ќе им бидат скратени дневници во деновите од штрајк“, рече Неделков.
Неделков ги повтори барања на СОНК кои се однесуваат на усогласување на платите согласно Законот за минимална плата, член 8, меѓутоа, дополни тој, „години и години наназад тоа не е направено“.
На прес-конференцијата на СОНК беше објавено дека е формирана и работна група за изготвување на Колективен договор од владини министри кои со репрезентативниот Синдикат ќе преговараат за правата на работниците во јавниот сектор. Тоа, според првите луѓе на СОНК, „наведува на констатација дека се работи за општ Колективен договор во јавниот сектор што не беше барање на СОНК, односно произлегува дека Колективните договори за детска заштита и основно и средно образование ќе почекаат“.
„Понудените 10 проценти за зголемување на платите во детските градинки и основното и средното образование по ребаланс на Буџетот се бетонираат со заклучокот на Владата и не се остава дополнителен простор за преговори по ова прашање, знаејќи дека членовите на СОНК со речиси 100 отсто изјаснување пред само неколку дена го отфрлија таквиот предлог“, заклучи Неделков.
Сашко Димовски