Премиерот Димитар Ковачевски е убеден дека има простор да се седне и да се продолжи дијалогот со Бугарија, но само ако се води врз основа на меѓусебно почитување како политичари, ако не го повредува достоинството на граѓаните и ако се води според европските стандарди.
– Во однос на настанот кој се случи во саботата, тој не е ништо помалку од провокација која ги буди духовите од минатото. Докажан соработник на Хитлер, Мусолини и на Павелиќ не може да е мост на пријателство меѓу две држави и народи или мост на градење европска перспектива за една држава. Овој настан не оди во насока на подобрување на односите и на успешна финализација на разговорите со договор но сепак убеден сум дека има простор да седнеме и да го продолжиме дијалогот кој би имал успех доколку се почитуваме како политичари, ако во него не се наруши достоинството на граѓаните од двете земји, ако ги почитуваме институциите на двете земји и ако тој дијалог се води врз европските стандарди, изјави Ковачевски.
Околу регистрацијата на клубот на културното здружени на македонските Бугари во Битола, по името на „Ванчо Михајлов“, Ковачевски рече дека се разгледуваат сите информации и наредната недела би имал конкретен став околу овој случај.
(М.Т.)