Потпретседателката на Бугарија, Илијана Јотова, во интервју за бугарска телевизија вели дека не гледа причини во оваа фаза да биде укинато ветото за почеток на преговорите со ЕУ за Северна Македонија, пренесуваат бугарските медиуми.
Зборувајќи за билатералниот спор меѓу двете земји, Јотова изјавила и дека Бугарија одамна ги поставила условите, кои, ако се исполнат, ќе биде укинато и ветото.
– Бугарија има пет услови за Северна Македонија, кои се поставени одамна. Дури и кога стана јасно дека ништо не е сменето од потпишувањето на Договорот за добрососедство. Ниту после 18 состаноци на Мешовитата историска комисија, ниту еден ред не е сменет во учебниците од кои се изучува во училиштата во Република Северна Македонија, изјави Јотова.
Покрај ова, Јотова истакнала и дека не може да биде признат ниту пописот, според кој во Северна Македонија се попишани 3. 500 Бугари, а како што тврди таа, Бугарија располага со податоци според кои од 2007 година па наваму издадени се 85 000 бугарски државјанства на македонски државјани.
– Во оваа етапа не гледам никаква основа пописот да биде признат – рече Јотова.