Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС) од утре до петок ја „вади“ јавната администрација на протести. Нивните барања се усогласување на платите со минималната плата, а своето незадоволство ќе го демонстрираат секој ден од 16 до 17 часот на рута од Собрание до Влада.
„Бараме усогласување на платите во јавниот сектор, согласно покачувањето на минималната плата, а не како што е направено со Законот за административни службеници со кој платите се покачуваат од 100 до 200 денари. Во овој момент имаме ситуација во која дел од административните службеници или вработените во јавниот сектор земаат или минимална плата или под минимална плата. Досега имаме само едно покачување, а тоа е 5 отсто во 2019 година. И пред и потоа јавниот сектор е заборавен и затоа е доведен во ситуација да бидеме социјална категорија“, вели претседателот на КСС, Благоја Ралповски.
Неделава се очекува да продолжат и преговорите за Општиот колективен договор. Но, од КСС велат дека не се вклучени во процесот.
Во новиот Општ колективен договор треба да се утврди и нова методологија за пресметка на платите со која ќе се обезбеди редовна корекција на платите според критериуми кои дополнително ќе бидат утврдени.