Мнозинството од граѓаните или 85,2 проценти од нив велат дека партиите не ги контактирале за да ги прашаат за идеи за изборните кампањи за локалните избори. Ова го покажува извештајот на граѓанските организации “Македонски центар за меѓународна соработка” и “Институт за демократија Социетас цивилас”. Речиси 60 проценти од испитаниците одговориле дека дури и кога би биле прашани кои се нивните идеи и интереси во пресрет на локалните избори, не веруваат дека партиите би ги земале во предвид нивните мислења.
Истражувањето кое одговара на прашањето каков е профилот на градоначалникот кој го сакате, покажува дека граѓаните најмногу би сакале да имаат млад градоначалник или 45 проценти од нив одговориле дека сакаат водачот во локалната заедница да има до 27 години. Вториот избор или 31 процент од граѓаните рекле дека немаат ништо против да ги води жена.
Повеќе од половина или 55 проценти од граѓаните не би гласале за кандидат на партијата која не ја симпатизираат, а 61,5 не би гласале за припадник од друга етничка заедница.
Приоритет на граѓаните им е човек кој ќе придонесе за локалниот економски развој, а на второ место доаѓаат комуналните дејности.
Ако од истражувањето треба да се направи профилот на посакуваната личност за градоначалник тогаш тој отприлика би изгледал вака:
• Чесен
• Млад
• Професионален политичар
• Да има добра економска програма
• Да е член на партијата која јас ја симпатизирам
• Да е припадник на мојата етничка заедница