Во основните и средните училишта во државава и натаму нема настава поради штрајкот на членството на СОНК. Во меѓувреме, штрајкот во градинките е ставен во мирување и воспитно-згрижувачкиот процес се одвива редовно.
Штрајкот во основното и средното образование и градинките почна на 11 април. СОНК бара зголемување на платите за 18,4 проценти веднаш и усогласување на останатите со минималната плата.
Раководството на СОНК и Владата во понеделникот постигнаа договор за зголемување на платите од 12 проценти, почнувајќи најдоцна со јулската плата, но предлогот завчера беше одбиен на седница на Советот на СОНК.
Претседателот на СОНК, Јаким Неделков најави голем протест пред Владата на 4 мај.
Од друга страна, СОНК одлучи градинките да продолжат со редовно работење, па воспитно-згрижувачкиот процес во градинките од вчера се одвива редовно. Од Министерството за труд и социјална политика соопштија дека на работните места и извршувањето на работните задачи се вратиле вработените во градинките кои претходно беа приклучени на штрајкот.