Во Скопје е прогласена е епидемија на жолтица поради 66 регистрирани случаи од оваа заразна болест. Само во последните десет дена од жолтица заболеле 21 лице, при што во четири семејства има по двајца заболени, а во едно семејство во Шуто Оризари се заразиле дури тројца од семејството, соопштуваат од Центарот за јавно здравје.
Од вкупниот број заболени лица, 40 се болнички лекувани на Клиниката за инфективни болести и на Инфективното одделение во болницата „8-ми Септември“. Во моментов на Клиниката се хоспитализирани 15 лица, кои се во добра здравствена состојба. Заболените се на возраст од три до 58 години.
-Најголем дел од заболените вкупно 21 се од населбата Шуто Оризари, во Карпош има 8 заболени, Чаир 6, Кисела Вода 5 заболени, во Гази Баба се регистрирани 5 луѓе со заразна жолтица, во населбата Аеродром 9, во Илинден 2, Ѓорче Петров 3 случаи и во Бутел има двајца заболени, потенцираат од скопскиот Центар за јавно здравје.
Надлежните велат дека постои можност зголемениот број на заболени од заразна жолтица да се должи на интензивните дождови, собирање на атмосферската вода и делумно излевање на канализација во населбите каде се појавени повеќето случаи.
Но, независно од местото на живеење, зголемениот број случаи може да се должи и на недоволно оддржување на лична хигиена, не доволно миење раце и несоодветно миење на свежото овошје и зеленчук.
Епидемиолозите велат дека олеснителна околност е тоа што се уште трае летниот распуст на учениците, со што дополнително се спречува ширење на заразна жолтица во училиштата.
Од Оделението за епидемиологија соопштуваат дека преземаат соодветни мерки за спречување на ширење на заболувањето.
На граѓаните им се препорачува да внимавата на личната хигиена, одржување на хигиена во домот и санитарните јазли, редовно миење на раце пред јадење и особено после одење во тоалет, добро миење на свежо овошје и зеленчук пред конзумација, конзумација на исправна вода за пиење.