Главниот координативен кризен штаб и Владата деновиве се очекува да се произнесат по препораката на Комисијата за заразни болести за укинување на сите рестриктивни мерки за справување со ковид-19. Во земјава има вкупно 503 активни случаи, а бројката на дијагностицирани лица од почетокот на пандемијата е 309.434.
Поради намалување на бројот на новозаразени со ковид-19, Комисијата за заразни болести во средата препорача укинување на сите рестриктивни мерки, освен задолжителното носење маски во здравствените установи, аптеките, јавниот превоз и домовите за стари лица.
Комисијата, исто така, испрати апел до граѓаните да ги почитуваат препораките за лична заштита и хигиена, како што се често миење раце, дезинфекција и одржување на дистанца.
Според надлежните, вакцинацијата и натаму останува најдобра и најефикасна мерка за заштита на здравјето на населението.
Од Комисијата за заразни болести потенцираат дека на дневна основа ја следат состојбата со ковид-19 и доколку има потреба ќе бидат препорачани нови мерки.
Досега во земјата се направени вкупно 2.015.726 милиони тестирања на ковид-19. Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 309.434, бројот на оздравени пациенти е 299.653, на починати е 9.278.