Претседателот на Собранието Талат Џафери по враќањето од Украина каде беше од 24 април до вчера (28.04) одржа прес конференција на која информираше за тоа како се организирала посетата и за впечатоците од она што го видел таму. Џафери нагласи дека како Собрание треба да заземат став во форма на декларација или резолуција за состојбите во Украина односно за злоделата што се имаат случено таму и дека треба сите политички чинители во Парламентот да размислат во тој правец.
Информирајќи дека посетата се случила на покана на претседателот на украинската рада , Џафери рече дека со физичкото присуство во Украина сакал да ја демонстрира поддршката што декларативно и ја даде земјава на Украина за воспоставување мир и власт во сите делови на државата , но и да манифестира подготвеност за секаков вид помош од која имаат потреба украинската држава и народ, рече тој.
– Се очекува таа помош и поддршка да е повеќезначна , што значи може да е финансиска, материјална , санитарна и секако може да е воена. Ние за ова имаме обврска и како членка на НАТО и како кандидат за членство во ЕУ зашто преку овие позиции ние сме приклучени во сите мерки преземени од овие две организации. Оттаму покрај погоре споменатите потреби, може последователно да се појават и други потреби кои, како што кажав, произлегуваат од обврските што сме ги презеле како членка на НАТО и кандидат за членство во ЕУ, изјави Џафери.
Џафери информира дека за посетата биле известени и претседателот на државата и премиерот. Патувањето било организирано со поддршка на украинската амбасада во земјава со лет до Варшава , па оттаму до границата со Украина со возила а потоа до Киев со воз кој е специјално пуштен за странски делегации.
Џафери, споделувајќи ги впечатоците оцени дека моралот на граѓаните и на државата и институциите биле на високо ниво, дека се свесни што им се случува дека си ја бранат државата а дека луѓето што живееле на село веќе ги обработиле и посеале нивите.
(М.Т.)